Свечено затворање на ЗЛАТНА ЛИРА 2024 и доделување на наградите на СМУМ

СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА ЗЛАТНА ЛИРА 2024 И ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИТЕ НА СМУМ
 

Недела, 3 ноември

Музеј на македонската борба, 20 часот


КОНЦЕРТ НА
ДАНИЦА СТОЈАНОВА - пијано


 

Програма: Ерик Сати, Јохан Себастијан Бах, Франц Лист, Томислав Зографски, Фредерик Шопен, Енрике Гранадос

Даница Стојанова е реномирана македонска пијанистка со долгогодишна кариера на домашната и меѓународната сцена. Во текот на нејзиното образование, таа се усовршувала на познати академии за музика, работејќи со истакнати пијанистички имиња како Снежана Пановска, Јокут Михаиловиќ, Жени Захариева, Жак Рувие и други. Благодарение на ова, денес е една од најистакнатите професорки по пијано и камерна музика во Македонија.

Како професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Стојанова со своите ученици постигнува значајни успеси на натпревари дома и во странство. Активно ги поддржува младите музичари, помагајќи им со стручно водство и организирање на концерти, а често е член на жири-комисии на реномирани натпревари по пијано и камерна музика.



Таа одржува мастер-класови во Македонија, Малезија и Косово, а има настапувано како солист со Македонската и Видинската филхармонија. Нејзините настапи ја воделе низ земји како Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, САД и други.

Стојанова е добитник на бројни награди, меѓу кои и „Георги Божиков“ за најуспешна изведба на дела од македонски композитори (2020), како и специјално признание од Фондацијата „Томислав Зографски“ за нејзиниот придонес во промоција на македонското музичко наследство. Автор е на книгата „Фредерик Шопен – поет на пијаното“, и е член на повеќе музички асоцијации, вклучувајќи ја и меѓународната пијано-дуо асоцијација во Токио.

Од 2020 до 2022 година, таа беше музички селектор на фестивалот „Охридско лето“.

 



НАГРАДА „ЗЛАТНА ЛИРА“

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2023 година му се доделува на фаготистот Даниел Апостолов.

Со особена техничка прецизност, мек и топол тон, умешност во водењето на мелодичните фрази и одмерена агогика, изведбите на Даниел Апостолов неминовно го потенцираат благородниот квалитет на фаготот, поставувајќи на самиот пиедестал. Роден во Скопје во 1975 година, првите чекори во музиката ги започнал со изучување пијано во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во средното музичко училиште, се определил за фагот, кој го избрал како свој професионален пат. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на вокално-инструменталниот оддел, со највисока оценка 10 (cum laude), како прв студент од дувачкиот оддел со таков успех.

По дипломирањето, Апостолов бил примен на постдипломски студии на Музичката академија во Љубљана, каде што бил прв постдипломец на вокално-инструменталниот оддел за фагот. За време на студиите, активно учествувал во концертниот живот на факултетот и бил професионално ангажиран како надворешен соработник во Словенечката филхармонија. Подоцна, во 2002 година, ги завршил и уметничките постдипломски студии во Вирцбург, Германија, кај познатиот фаготист проф. Албрехт Холдер.

Апостолов учествувал на неколку значајни мајсторски курсеви, вклучувајќи ја Летната академија „Моцартеум“ во Салцбург (1995) и фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“ во Либек (1998) кај проф. Клаус Тунеман. Бил и член на интернационални оркестри во Алтенбург (1996) и Бајројт (1998), каде што стекнал драгоцено искуство.

Неговите први оркестарски ангажмани вклучуваат соработка со Македонската филхармонија и Словенечката филхармонија. Подоцна, работел во оркестарот на Љубљанската опера и балет (2000/01) и Мариборската опера и балет (2002/03). Свирел и во оркестрите на ФМУ, ревијалниот оркестар на МРТВ и Косовската филхармонија.

Освоил бројни награди, вклучувајќи ја првата награда на натпреварот за дувачи во Херцег Нови (1991) и други високи признанија. Член е на Сојузот на музичките уметници на Македонија и бил дел од ансамбли како „Трио Мацедонико“ и Скопскиот дувачки квинтет.

Со својата концертна активност, Апостолов е редовен учесник на значајни македонски фестивали, како што се Скопско лето, Есенски музички свечености, Интерфест-Битола, Охридско лето и други. Гостувал на фестивали и во Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија и Германија.Освен концертната дејност, Апостолов е посветен и на педагогијата. Во 1999 година, се вработува како професор по фагот и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а од 2005 година е и професор на ФМУ во Скопје, а е член и на оркестарот на Македонската филхармонија.
 

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело, оваа година му се доделува на пијанистот, педагог и признаен културен деец Валери Стефановски.

Валери Стефановски (Охрид, 1947) го завршува основното и средното музичко образование во Скопје во 1965 година, под менторство на истакнати педагози. Средното образование го завршува во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје во 1966 година. Музичките студии ги продолжува на Државниот музички конзерваториум во Софија, под менторство на пијанистката Љуба Енчева, дипломирајќи во 1970 година.

 

Во 1972 година добива стипендија од Владата на СССР за специјализација на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва, под водство на Михаил Межлумов. Во 1979 година ги завршува постдипломските студии по пијано во класата на Дубравка Томшиќ на Музичката академија во Љубљана и успешно настапува со Симфонискиот оркестар на академијата.


Во текот на кариерата, учествува на меѓународни семинари и добива високи пофалби од своите ментори, како Љуба Енчева, Алдо Чиколини и Дубравка Томшиќ. Носител е на неколку награди, меѓу кои и наградата „Златна лира“ на СМУМ за врвни уметнички дострели во 1991 година.

Од 1971 до 2011 година е редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје. Валери Стефановски започнува како соработник на ФМУ, а во 1977 година е избран за предавач. Преку децении работа на катедрата за пијано, тој ја гради репутацијата на исклучителен педагог, помагајќи многумина од неговите студенти да заземат значајни места во образовниот и уметничкиот свет. Од 1997 година, тој е избран во највисокото звање – редовен професор.

Стефановски членува во бројни жирија на музички натпревари, меѓу кои и натпреварот под покровителство на пијанистичкиот бренд „Бесендорфер“ и Интернационалниот пијано натпревар на Интерфест-Битола.

Во областа на уметничката дејност, Валери Стефановски ја започнува својата концертна кариера на десетгодишна возраст, а неговата кариера продолжува со успех до 2007 година. Се издвојува со солистички настапи во Русија, Словенија, Бугарија, Германија и Турција, и учествува на реномирани фестивали како Охридско лето, Музичка трибина Опатија и НИМУС во Ниш.

Стефановски истакнува изведби на значајни дела од пијанистичката литература, меѓу кои концерти за пијано и оркестар од Бетовен, Лист, Прокофјев, Рахманинов и Хачатуријан, со кои редовно настапува пред Македонската филхармонија и на меѓународни сцени. Неговите настапи редовно добиваат пофалби како „виртуозни“ и „интелектуално богати.“

Во општествениот и културниот живот на Македонија, Стефановски активно членува во различни организации. Од 1986 до 2002 година е претседател на Здружението на музичките уметници на Македонија, а од 2002 година е потпретседател на СМУМ. Од 2002 до 2006 година работи како директор на Македонската филхармонија, каде што се залага за изградба на нов објект и носи бројни меѓународни музички имиња во Скопје.

По пензионирањето, продолжува со својата љубов кон музиката преку ангажман во пензионерскиот хор во Скопје, со кој освојува награди на фестивали низ Македонија, Грција и поранешна Југославија.


Влезот на концертот е слободен.