Концертот започна инспиративно, со многу голема доза на сценски шарм, разнежнувајки ја публиката со милозвучните гласови на талентираните хористки, со взаемната и силна компатибилност меѓу нив и диригентката Димовска-Полизова, и сето тоа пренесувајќи и го на љубопитната и мошне внимателна публика која и се радуваше на секоја нова испеана композиција.
А нив ги имаше точно 15 во програмата, со избор чиј дијапазон се движеше низ повеќе стилски епохи, се до современата хорска оставштина на македонските творци на хорската уметност. Имаше и неколку светски хитови од популарната музика, мелодии кои понесуваа со убавата мелоритмика и омиленоста кај големиот број љубители низ сите меридијани на земјата, силен аргумент дека Св.Злата Мегленска е хор за кој не постои граница, туку напротив секое дело може да доживее вистинска музичка реинкарнација која убедливо се лепи на душата и длабоко останува да звучи во увото. Ете, во една ваква хорска звучна гама уживавме, насладувајки се на секој отпеан тон од хорот, синхронизиран до совршенство, хор кој дише заедно и хор кој ја вознесува музиката до највисоките критериуми за она што денес го нарекуваме сјајна, беспрекорна интерпретација.
Звучеа со ист интензитет и македонските хорски нумери „Величание“ на Т.Скаловски, „Дафино моме“ на Д. Шуплевски, „Селска суита“ на С. Стојков, „Марика“ на Т. Зографски, „Момиче мало ѓаволо“ на С. Гајдов, Суита од операта „Разделба“ на Т. Прокопиев и „Алелуја“ и „Ливада“ на З. Запров. Звучеа со сета творечка моќ што извира од нив, со силата на хорската мелодија, типична македонска, раскошна во убавината која само може да ја почувствува оној кој силно ја љуби хорската уметност. Диригентката Летка Димовска Полизова е големиот мајстор еден хор да го издигне во едно грло, една душа и на музиката да и вдахне живот, носејки ја во музичкиот космос, со необично големата нејзина дарба за атрактивна сценичност, ефектизам и оригиналност во задачата пред себе. Ете, најсуптилен пример беше композицијата „Ливада“ на З.Запров која низ уникатната кореограгија, оригиналните инструменти и единствениот пејачки манир се издвои како силна звучна слика, можеби и имагинација што ја импресионира публиката. И останатите седум композиции од Верди, Грахам, Вебер, Брајант, Коен и црнечки спритуал беа звучното шаренило на концертот кое многу умешно беше вклопено и распоредено низ програмата на вечерта. Должна почит кон комплексниот впечаток на овој несекојдневно убав хорски настан на нашиот светски реномиран хор Св.Злата Мегленска треба бездруго да им се оддаде на солистите Катерина Стојановска, Јулија Карамитрова-Огненоска, Елена Васова, Анета Батакаловска и Софија Димковиќ, како и на клавирската придружба на Иван Еминовиќ и Елена Чадиковска на тапан, сите извонредно убедливи,подготвени и во елемент со сета музичка материја на изведуваните дела.
Фестивалот „Златна лира“ на Сојузот на музичките уметници на Македонија на најубав уметнички начин заплови низ фестивалските води годинава, јубилејно,навестувајќи уште убави содржини во својата фестивалска програмска концепција во деновите што следуваат, а публиката сигурни сме дека ќе биде пријатно изненадена и задоволна од уметниците кои со својата креативност и уметнички доблести на фестивалот ќе му ја потврдат вредноста и над се потребата од еден вака осмислен фестивалски празник на музиката. Впрочем свеченото отворање со настапот на хорот Св.Злата Мегленска само го потврди тоа, дарувајќи ни една бесценета музичка сеанса која уште долго ќе ја паметиме и посакуваме да ни се повтори.