Вечерва (петок, 19 октомври) во Музејот на град Скопје со почеток во 20 часот со концертот на уметниците Страшо Темков на флејта и Миле Каровски на гитара свечено ќе биде отворен фестивалот на уметничка камерна музика „Златна лира“. На концертот ќе бидат изведени камерни дела од авторите Ј. Иберт, Р. Д. Марино, А. Пјацола, Е. Боса, Б. Барток.
Страшо Темков е еден од најуспешните музички уметници од својата генерација, кој со својата многустрана уметничка дејност ја промовира и зацврстува традицијата на интерпретација на дувачки инструменти во Македонија. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирал на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија. Во текот на студирањето соработувал со реномирани уметници и педагози од Европа и светот и се стекнал со бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во периодот од 1991 до 2010 година делува како прв флејтист на Македонската филхармонија. Талентот и желбата за музицирање како солист го водат во повеќе земји низ светот, каде настапува со бројни оркестри и диригенти. Меѓу нив се издвојуваат настапите со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар Хо Ши Мин, Француско – американскиот камерен оркестар, Нишкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Аморозо“, Камерниот оркестар „Лејдис“ и други. Настапува и како солист со бројни рецитални програми. Страшо Темков е член на ансамблите Македонски дувачки квинтет, трио „Аура“, Ансамблот за современа музика „Св. Софија“ и други. Меѓу музичките манифестиции на кои настапил се издвојуваат концертите на фестивалите „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Арт Аполонија“ во Софија, НИМУ, „Ледамус“ во Србија, „Башчаршиски ноќи“ – Сараево, Босна и Херцеговина, повеќе фестивали во Хрватска, како и успешни претставувања во Италија, Франција, Англија, САД, Виетнам. Страшо Темков е еден од неколкумината македонски уметници што настапиле во престижната Карнеги Хол во Њујорк, САД. Репертоарот на Темков опфаќа дела од барокот до современата музика, и особено македонското музичко творештво. Неговата уметничка биографија забележува и два компакт диска реализирани во соработка со пијанистката Марија Вршкова. Работи како професор по флејта на ФМУ во Скопје, каде е основач на квартетот флејти „Аулос“. Во 2017 година на Темков му беше доделена наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања.
Миле Каровски дипломира на Новиот бугарски универзитет во Софија, Бугарија во класата на истакнатиот гитарист и професор Димитар Дојчинов. Учесник е на бројни меѓународни натпревари по класична гитара и добитник на повеќе први награди и признанија. Во 2007 година е прогласен за апсолутен победник на натпреварот „Со крилјата на музиката“ во Софија. Добитник е и на наградата од Асоцијацијата „Пријатели на Димитрис Фампас“ за најдобра изведба на дела од Димитрис Фампас, како и на наградата „Млади виртуози“ од страна на Националниот дворец на културата (НДК) за целовечерен рецитал реализиран во 2009 година. Во 2008 година Каровски го издава својот прв носач на звук насловен „Debute – music for guitar“, во издание на „Подрумор“. Настапувал како солист со камерните оркестри „Пламак“ од Софија, „Орфеј“ од Перник, „Георги Атанасов“ од Пазарџик, Бугарија, како и на бројни фестивали во Франција, Србија, Бугарија, и во Македонија на манифестациите „Гитар – фест“, „Штипско лето“, „Битолско лето“, „Кавадаречка културна есен“ и концерти во организација на Музичката младина на Македонија. Учествувал на семинари и работилници кај реномирани уметници и педагози меѓу кои Никита Кошкин (Русија), Џереми Џоу (Франција), Един Карамазов (Хрватска), Марта Мастерс (САД), Фабио Занон (Бразил). Каровски е активен учесник на концертната сцена во Македонија и Бугарија. Во 2015 година го издава својо втор солистички двоен компакт диск со наслов „Rock Around the Clock“, на кој се јавува како изведувач на сопствени аранжмани за гитара на популарни рок нумери, за кои реализира и видео записи.
Фестивалот „Златна лира“ е основан пред 12 години како резултат на заложбите на македонските музички уметници за збогатување на концертниот живот во Скопје и зацврстување на традицијата на уметничката камерна музика во Македонија. Манифестацијата ги мобилизира и здружува креативните сили и релевантните фактори во културниот живот во промоција и афирмација на високите музичкит вредности. Фестивалот има меѓународен карактер, а на неговиот подиум секоја година учествуваат врвни уметници од различни земји и се реализираат соработки и проекти со повеќе музички асоцијации од Европа и светот. Организатор на “Златна лира“ е Сојузот на музички уметници на Македонија - СМУМ.