Вечер на музички слики

(Кон концертот на Жени Захариева - пијано, Бугарија)

Дел од годинешнава грижливо конципирана програма на фестивалот „Златна лира“ беше и рециталот на пијанистката Жени Захариева кој се одржа синоќа во Музејот на град Скопје. Разнородноста на изведувачките состави и жанровската разноликост е обележје на „Златна лира“ и оваа година, а учеството на реномирани уметници како што е Жени Захариева секако го подигнува нивото на фестивалот и ја збогатува концертната понуда во Скопје. Бугарската пијанистка и е добро позната на нашата публика по концертните настапи и соработката со музичките образовни институции.  Но освен фактот што Захариева во континуитет гради успешна кариера на концертен и камерен пијанист, таа има вонредни дострели и како педагог по пијано, организатор е на бројни музички настани, фестивали, пијанистички семинари, мастеркласи и натпревари во многу земји, со посебен акцент на нејзината дејност во Франција и Јапонија кадешто има репутација на исклучително ценет уметник и педагог. На синоќешниот концерт Жени Захариева се претстави со изведба на „24-те Прелудиуми“ од Клод Дебиси, посветувајќи го концертот на стогодишнината од неговата смрт.

Да се слушаат сите 24 прелудиуми во интегрална форма е вистинско музичко патување во автентичниот уметнички свет на генијалниот композитор, кој со својот стил претставува симбол на француската музика на преминот од деветнаесеттиот кон дваесеттиот век. Уште од времето на создавањето во 1910 и 1913, во последната творечка и животна фаза на Дебиси, изведбата на „Прелудиумите“ претставува предизвик за пијанистите од различни возрасти и естетски аспирации. Овие инспиративни музички слики со поетски занимливи наслови, со изразито програмски и дескриптивен карактер во целост го отсликуваат импресионистичкиот профил на Клод Дебиси во неговото зрело творештво. Свежите хармонски и мелодиски склопови оддалечени од тоналниот класичен модел, неевропскиот призвук на пентатонските скали од далечниот исток,  синкопираните ритми на афро-американскиот џез, ги наговестуваат новите струења во музичкиот јазик и стануваат предвесник на сé она што подоцна ќе се случува во музиката на дваесеттиот век. Комплексната структура, навидум слободна и лежерна, но во суштина со математички прецизна форма и доследност од една страна, како и богатството од звучни бои кои се секогаш во преден план, му даваат печат на стилот на Дебиси, особено во инвентивните „Прелудиуми“. За да се добие посакуваниот ефект и да се долови автентичниот стил на Дебиси, неопходно е пијанистот да има педантна и сеопфатна пијанистичка техника како и соодветен префинет сензибилитет. Токму сите овие атрибути имавме можност да ги доживееме преку изведбата на пијанистката Жени Захариева и да ги слушнеме „24-те Прелудиуми“ на Клод Дебиси во полн сјај.

Во интерпретацијата на бавните и воздржани прелудиуми „Танчерките од Делфи“, „Едра“ („Превези“), „Потонатата катедрала“, „Мртви лисја“, „Терасата на месечевата светлина“, можевме да ја почувствуваме тајната во креирањето на импресионистичкиот звук кај Дебиси на кој се темели неговата автентичност, а тоа е деликатната употреба на педалот како нераскинлив дел од звучната слика. Пијанистката со големо мајсторство и дозирање на педалот и динамичките нијанси го создаде препознатливиот имагинативен ефект на замаглување во повеќеслојните мелодиски линии. Тој ефект овозможува слушателот просто да ја „види“ сликата „Потоната Катедрала“ на Дебиси или пак да си создаде некоја своја слика. Во секој случај интерпретацијата на Захариева не ве остава рамнодушен.  Особено допадливи беа пиесите „Минстрели“, „Ексцентричниот генерал Левин“, „Омажот на Пиквик“ во кои Захариева ни го откри другиот манир... танцот „кејквок“, скерцозност и гротеска, следејќи ги специфичните ритмички поигрувања и отстапки, толку типични за стилот на Дебиси. Лирските популарни прелудиуми „Девојката со ленена коса“, „Портата на Алхамбра“ и „Ридовите на Анакапри“, пијанистката ги изведе со префинето чувство за синхронизација на мелодичните теми и богата полифона структура вткаени во неповторливи минијатурни ремек-дела. Во брзите и поенергични прелудиуми „ Што виде западниот ветер“, „Магла“, „Самовилите танчерки“, „Ондина“ („Самовила“),  завршниот блескав „Огномет“, кои обилуваат со динамични пасажи и поизразена агогика слушнавме моќен звук и бравурозна артикулација.

Интерпретацијата на Жени Захариева низ изведбите на „Прелудиумите“ од Клод Дебиси ни претстави еден свет на пијанистичка имагинација создаден врз база на беспрекорна техника, буен уметнички талент  и респектабилно концертно искуство. Нејзиниот шармантен настап беше збогатен со куси осврти и појаснувања за некои историски и содржински аспекти за сите прелудиуми кои со наклоност беа прифатени од публиката. На бис го слушнавме првиот став со наслов „На брод“, од „Малата свита“ за пијано четирирачно, од раното творештво на Клод Дебиси, кое Жени Захариева го изведе со својата поранешна студентка, нашата пијанистка Славица Мицовска.

На крајот само би заклучиле дека настапите на уметниците кои се во фаза на уметничка и креативна зрелост носат посебен сензибилитет и личен печат. Уметничкиот лик на Жени Захариева ги има вткаено обележјата на поезијата и ликовната уметност, а нејзината изведба ги надминува границите на квалитетна концертна изведба и навлегува во сферата на високо естетско доживување.
 
Викица Костоска - Пенева