-
01.11.2018
-
Рецензии, Актуелно
Кон концертот „Подиум на млади“ на „Златна лира“ - Александар Иванов, виолина и Ивона Базгалоска, пијано
Музичка читанка, патување низ музичките епохи или уживање во шаренило од звучни нијанси - се од ова може да биде наслов на овој текст посветен на концертот „Подиум на млади“ кој во рамките на фестивалот „Златна лира“ се одржа во вторникот вечерта во Музејот на град Скопје. Неговите учесници, извонредните Александар Иванов на виолина и Ивона Базгалоска на пијано, ни одржаа лекција не само по историја на музика, туку и за тоа, како треба да звучат одредени дела. Не е претерување, но уште пред да почне концертот, лесно беше да се убеди публиката дека ќе слуша нешто извонредно, со оглед на фактот што на сцената стапнаа, иако млади, но веќе препознатливи имиња и веќе искусни музички уметници кои сме имале можност да ги чуеме и тоа повеќе пати како солисти и со оркестар, и секогаш биле импресивни во нивните изведби. Можевме всушност, само да очекуваме повеќе, што и се оствари. Тоа е се разбира, генералната слика, без да навлегуваме во детали.
Барок, класицизам, романтизам, импресионизам, беа избраните звучни патишта низ чии специфики, уникатности, низ чија мистичност, звучна филозофија, орнаментика, хармонии, ритмика, низ чија колористична широчина навистина уживавме. Се разбира, влогот на Иванов и Базгалоска да допре она што го избрале за овој концерт до срцата, но и до мислите на публиката, е за поздрав. Тие успеаа да го рефлектраат она што самите го чувствуваат „читајќи“ ги партитурите на Бах, Моцарт, Лист, Дебиси, а очигледно успеале длабоко да нурнат меѓу редовите на она што го напишале врвните музички мајстори. Искуството е пресудно, зрелоста исто така за да се интерпретира широката „слика“ на едно дело, да се излезе од зацртаната црно-бела рамка, но овој пат се покажа спротивното. Двајцата уметници пленеа со своето раскошно свирење.
Концертот почна со Мефисто валцер бр. 1 од Франц Лист за соло пијано, едно од најпознатите дела на унгарскиот композиторски великан и виртуоз на пијаното. Со оглед на тоа што инспирацијата овде е Гетеовиот Фауст, но и фактот дека не станува збор за валцер, туку за селски танц, делото не е напишано да биде плементо и рафинирано, туку напротив, тоа е диво, раздрагано. Базгалоска, и покрај тоа што се почувствува нејзината минимална трема, умешно не воведе во светот на „бурата“, владеејќи со брзината, комплексноста, со огнената страст која што ова дело ја поседува, акцентирајќи ја острината и всушност, оствари одлично изградена целина со впечатливи лирски моменти. Следуваше Сонатата за виолина бр. 1 во g-moll од Ј. С. Бах во која веднаш, од рацете на Иванов, се почувствува брилијантноста на музичкиот гениј во однос на мелодиката. Пленеше „сликата“ која што Иванов ја покажа, а во која до израз дојдоа тонската широчина, јасната синтакса и софистицираното фразирање. Можеби и овде тремата беше причина за помалку нејасните ритмички елементи, иако сето тоа исчезна во мигот кога и двајцата се појавија на сцената со изведба на Виолинскиот концерт бр. 3 во G-dur за виолина и пијано од В. А. Моцарт. Ова дело, оваа изведба, изнуди најсилни аплаузи и овации кај публиката присутна во Музејот на град Скопје. И со право, бидејќи Иванов и Базгалоска дишеа во еден здив, не отстапувајќи од стилскиот контекст, од „електричната“ виртуозност. Нивниот музички дијалог остави навистина силен впечаток.
Крајот на концертот го означи изведбата на две прекрасни дела од Клод Дебиси - „Остров на радоста“ за пијано и „Убава вечер“ за виолина и пијано, во кои младите музички уметници покажаа силно звуковно владеење не само во однос на рефлексија на визуелниот впечаток, каква што во суштина и му била намерата на авторот, туку и во однос на хармонското обликување и ритмичко-мелодиското шаренило. И двајцата, и Иванов и Базгалоска, буквално на платно ги насликаа импресиите на овие две музички дела. Се разбира, долгите аплаузи ги вратија на бис, кога го изведоа романтичното дело „Поздрав на љубовта“ од Е. Елгар.
Виолинистот Александар Иванов го покажува и овде, на македонската сцена, сето свое досега стекнато искуство и надвор од земјава, а кое е богато, иако е, повторно ќе кажеме млад (студира на Женевскиот конзерваториум во класата на Светлин Русев, добитник е на бројни меѓународни награди). Базгалоска исто така, ја покажа својата умешност во своите соло претставувања, но и будно да го следи Иванов во заедничкото музицирање, притоа да ја презентира јасно и прецизно сопствената приказна која е, за среќа, индивидуална. Таа е моментно студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Нина Костова Јаневска, а нејзината биографија бележи седум специјални први награди стекнати и надвор од земјава. И двајцата, всушност, остварија единствена динамичка целина, ја искажаа својата емоционална предаденост, се покажаа големи, во секоја смисла на зборот.
Тина Иванова