... Од Бах до џез – импровизации ...

Кон концертот на американскиот квартет гитари „Минеаполис“
 
Гитарата според колоритот и обемноста на звукот се вбројува во оние интимни инструменти кои најдобро се восприемаат во камерен простор.  Амбиентот во Музејот на град Скопје е токму таква адекватана сала, каде петтата вечер од фестивалот „Златна лира“, го проследивме концертот на квартетот гитари „Минеаполис“ од САД. Овој реномиран ансамбл со долгогодишна концертна традиција, го сочинуваат врвни гитаристи чии биографии опфаќаат одлична класична едукација и успеси во солистичките кариери, надградени со заедничкиот проект „Минеаполис гитар – квартет“. Тенденција на составот е да ги соедини искуствата од индивидуалните настапи и занимливите соработки со бројни уметници од целиот свет. Во таа смисла, следејќи ја биографијата на „Минеаполис“ квартетот, кој во различни состави делува од 1986 година (во сегашниот од 2012), ќе забележиме дека нивниот репертоар се движи во согласност со актуелниот светски тренд кој афирмира фузија од класични, џез, рок, фолклорни и други жанровски обележја. А профилот на современ концертен уметник одамна го надминува стереотипот на исклучива класична интерпретација и фокус на изведбата. Оттука два моменти го привлекуваат нашето внимание пред почетокот на концертот, занимлива програмска еклектичност во прв ред и аранжмански обработки на делата што се изведуваат.

Одличен „влез“ во концертот претставуваше токму таков аранжман на композицијата „Windy“ од Астор Пјацола. Полифоно излагање на инвентивна мелодија и варијациска – џез разработка во стилот на nuevo tango, кадешто секој музичар последователно се претставува со свое „соло“ пред публиката. Тоа е уникатниот аргентински композитор кому му се восхитуваат милиони. Уште на самиот почеток ни се исполнија очекувањата дека ќе слушаме врвна изведба. Во оваа композиција посебно го забележавме ненаметливиот, но префинет сензибилитет во изразот на Џозеф Хагедорн, како носител на темата. А динамичката градација до точка на кулминациска густина и интензитет го постигнаа ефектот кој треба да се слушне во секое автентично танго на Пјацола. Иако инструментот-обележје во музиката на Астор Пјацола е аргентинската хармоника бандонеон, гитарата е секако симбол на хиспанската култура, па неговите дела звучат сосем природно и во изведба на квартет гитари.

Двата става од „Токатата“ во де-мол BWV 913, „Адаџо и фуга“ од Јохан Себастијан Бах, оригинално напишани за клавишни инструменти ги слушнавме како втора точка на програмата, повторно во аранжман од членовите на „Минеаполис квартетот“. Впечатливо враќање во времето после Пјацола и потврда дека ансамблот со еднаква посветеност ја негува и барокната музика. Задоволство беше да се слушне еден сосем поинаков звук кој асоцира на темброт на ренесансна лаута. Особено во фугата најмногу дојде до израз јасното и  усогласено музицирање при полифоното излагање на темите, или попрецизно чувството за заедничко „дишење“ на музичарите и создавање перцепција на еден организам, еден инструмент.  Ненадминатата генијалност во Баховите фуги, нé потсетува на таа творечка величина и ни остава простор да се определиме кој инструментален состав е најприкладен за совршена претстава на барокната полифонија. Во случајов, квартетот гитари беше вистинскиот избор.

Во следното дело „Old Castle, by the river, in the middle of a forest“ од современата јапонска џез – пијанистка Хироми Уехара, повторно имавме можност да слушнеме извесна конекција со латино теми и ритми, но овој пат во сосем поинаков контекст. Комплексната форма на композицијата како промена на бавни и брзи  „ад либитум“ делници со оригинални хармонски решенија беше прилика да ги слушнеме гитаристите во сосем ново и поинакво светло. Слободните „сола“ и инвентивната импровизација ни покажаа дека овие музичари со подеднаква вештина „пливаат“ и во водите на современиот џез.

Осебено атрактивна беше и изведбата на „Аргентинските танци“ („Danzas Argentinas“), оригинално дело за соло – пијано, создадено во 1937 година од еден од водечките аргентински композитори на дваесеттиот век Алберто Хинастера. Во оваа композиција составена од три сликовити танци, „Танц на стариот овчар“ (Danza del viejo boyero),  „Танц на младата дама“ (Danza de la moza donosa) и  „Танц на каубојот – одметник“ (Danza del gaucho matarero) целосно провејува духот на латино-американската музика со сите атрибути и обележја кои таа ги носи во себе. Хинастера кој му пренесувал знаење за класичните композиторски техники и правила во контрапунктот на младиот Пјацола, самиот ги соединил сите свои искуства со изворните елементи на аргентинскиот фолклор и ритамот на тангото како музичка препознатливост на неговата нација . Во оваа композиција најмногу дојдоа до израз виртуозноста на гитаристите и нивната усогласеност во брзите синкопирани ритмични пасажи. Во вториот танц при изведбата на мелодичната тема, слушнавме префинета лирска изведба со призвук на „минијатурен оркестар“. Уште еднаш, латино-музика во полн сјај.

Во продолжението на концертот, на очигледно задоволство на публиката следеа две обработки на македонски народни песни „Прошета се Јовка кумановка“ во аранжманска обработка на познатиот гитарист Мирослав Тадиќ и еден од членовите на „Минеаполис гитар – квартетот“ гитаристката Маја Радованлија и „Македонско девојче“ повторно аранжман од Маја Радованлија. Навистина убаво чувство е да се види и да се чуе со каква наклоност музичари кои потекнуваат од сосем поинакво уметничко милје и традиција, ја интерпретираат универзалната големина на македонскиот фолклор.  Ова се однесува пред сé на претпазливата обработка во тематскиот материјал, со намера да се проникне во ритмичките и стилските елементи на нашата музичка традиција.

Последното дело на програмата беше единствената оригинална авторска композиција „Ѕвездени бранови“ (Star Waves), од современиот американски композитор Иан Краус, посветена токму на квартетот гитари „Минеаполис“, на тема од познатиот американски кантри – пејач Ник Дрејк. Композицијата беше вистински предизвик за музичарите со оглед на фактот дека авторот, според нивните зборови е одличен познавач на перформансите на гитарата. Во ова дело гитаристите во целост ја покажаа својата врвна техника покажувајќи широк спектар изведувачки вештини и колоритна интерпретација.

Настапот на квартетот гитари „Минаеполис“ го забележуваме како извонреден спој од богата програмска лепеза со опфат на дела од различни стилови и жанрови и беспрекорна експресивна интерпретација. Звуци на танго,  шпански танци и македонски нерамноделни ритми, џез – хармонии, американски кантри и рок мелодии... навистина уникатно доживување...  Долгогодишното заедничко музицирање создава единствена поврзаност меѓу овие уметници, која со шармантна присност ја пренесуваат и на публиката. Со очигледна импресионираност и задоволство слушателите го следеа концертот и музиката за гитара како инструмент на страст, софистицираност и богатсво од звучни бои.
 
Викица Костоска - Пенева