Концерт 25 години ДУО КИРОВСКИ

Во вторник (25 декември) со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи камерното дуо Кировски – Љубиша Кировски, виолина и Маја Шутевска – Кировска, пијано. Концертот е во рамките на циклусот Pro Musica, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ и со него дуото Кировски ќе одбележи 25 години уметничка кариера и присуство на домашната и меѓународната музичка сцена. На програмата се дела од Јоханес Брамс, Астор Пјацола, Бела Барток, како и дело од македонската композиторка Бете Илин.

Повеке од две децении, уметничките и животните патишта на двајцата уметници им се вкрстуваат во еден ретко успешен сценски израз, во креативна уметничка сеанса во која и виолината и пијаното се надополнуваат со неверојатна компактибилност, категоризирајки го камерното дуо Кировски во супериорните камерни формации на македонската музичка сцена. Слични или идентични уметнички концепции и восприемање на музиката, се фундамент на креативната сила на ова дуо, низ која блеснува необичен музички оптимизам, но пред се студиозна анализа врз музичката материја. Финалето од таа самопрегорност, издржливост и исклучителна професионална поткованост се успешните концертни настапи од кои слушателската публика излегува задоволна и исполнета со музика. Двајцата резбари на виолината и пијаното, квалитетно и адекватно го применуваат своето солидно едукативно студиско, послестудиско и концертно искуство, влегувајки низ ширум отворената музичка врата, не само кај нас, туку и во странство, а чиј праг го поминуваат само најдобрите и најуспешните.

Дуото Кировски е формирано во 1993 година. Оттогаш до денес, има реализирано бројни настапи  надвор од Македонија, меѓу кои во Хрватска (Загреб, Осијек, Ријека и Пула), Србија (БЕЛЕФ во Белград, фестивал Нови Сад, Врњачка Бања, Подгорица), Полска (Варшава, Краков, Лоѓ), Италија (Трст, Фиренца), Швајцарија (Лозана), Турската Република Северен Кипар (Беледијеси Фестивал), Бугарија, Велика Британија (Лондон), САД (Њујорк), Германија и во Македонија на фестивалите „Охридско лето“, „Златна Лира“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Есенски музички свечености“, Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје.
 
Во 1997 година дуото специјализира на Европската Моцарт Академија во Варшава кај следните еминентни професори (Г. Такач, И. Роман, Г. Жислин Г Самољотов), а кај професорите Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано, каде од професорите биле избрани меѓу трите најдобри дуа. Во 1998 година биле добитници на Специјалната награда на Ц.Е.И (Централно Европската Иницијатива), на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, Италија
 
Репертоарот на дуото опфаќа дела барокот до музиката на 20. век со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво редовно изведувајќи дела од македонски композитори, од кои голем број на дела се посветени на дуото. Во 2011 година имаат концерти во Њујорк, Лондон и Скопје со дела од македонски композитори посветени на дуото, а во 2012 премиерно го изведуваат двојниот цонцерт за виолина и пијано од Димитрије Бужаровски со Македонската филхармонија кој е воедно и посветен на нив.

Во 1999 го сниммат својот прв компакт диск во живо од фестивалот „Охридско лето“. Во 2004 година ја добиваат наградата „Златна Лира“, за врвни уметнички достигнувања во 2003 година која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија. Во 2005 година го реализираат својот втор компакт диск во живо, на фестивалот „Есенски музички свечености“. Третиот троен компакт диск излегува во 2010 година и содржи три концерти снимени во  живо, од кои едниот е со дела од македонски композитори 

Во 2014 година дуото ја добива наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во Македонија за 2013 година во која го прославија 20 годишниот јубилеј. Во 2015 година ја добиваат наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2014 година.

Концертот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.