Реакција на СМУМ

Реакција на Сојузот на музичките уметници на Македонија во врска резултатите од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година

Како Сојуз, кој ги застапува интересите на музичките уметници од сферата на класичната музика, од името на членството на Сојузот,  би сакале да дадеме свое мислење за конкурсот и за целокупната состојба во која се наоѓаат македонските музички репродуктивни уметници.
 
1.Неколку години наназад во конкурсите од Министерството за култура, покрај образложение на предложениот проект, се бара и портфолио на учесниците на конкурсот, односно опис на активностите во последните 5 години. За музичките уметници - тоа се одреден број на концерти со различна програма, која, според конкурсните услови, треба да содржи премиерни дела и дела од македонски композитори. (Впрочем, и за членство во нашата асоцијација се потребни одреден број на реализирани концерти). Апликациите за овогодишниот конкурс ги содржеа истите барања, кои, се подразбира, претставуваат и критериуми за рангирање на апликантите. Токму затоа,  непријатно сме изненадени од резултатите на конкурсот.  Голем број на уметниците од сферата на класичната музика оваа година се крајно маргинализирани, а проектите на веќе докажани уметници со голем багаж зад себе се одбиени. За жал информирани сме дека комисијата работела по критериуми кои ги дал министерот, а тоа е секој проект кој не содржи соодветна документација (државјанство и изјава за користење на простор) воопшто да не биде разгледуван. Во тој контекст се прашуваме дали комисијата требала да завземе свој став и да се раководи од квалитетот на проектите, соодветното портфолио кое уметниците го доставиле или бирократските работи да бидат пред уметничкиот квалитет на самите учесници во проектот и проектот како краен продукт, што е и целта на националната програма.
 
2. Сметаме дека учениците и студентите можат да бидат поддржани со паричен надомест за натпревар или семинар иисклучиво преку Министерството за образование, но не преку Министерството за култура на РМ, тоа впрочем го истакнавме и минататa година кога се соочивме со моментот на поддржани проекти на ученици и студенти со поголем хонорар наспроти веќе докажани уметници со огрoмен багаж зад себе. Да не бидеме погрешно сфатени: СМУМ секогаш излегувал во прерсет за организација на концерти на млади и талентирани уметници, а тука е и Музичката Младина на Македонија, која исто така ги промовира најмладите. За жал, и на овој конкурс сме сведоци на истата политика од минатат година , само што сега е зачудувачки фактот што тие проекти се подржани со суми од 300.000 до 400.000 илјади денари, a проекти на истакнати уметници се одбиени од бирократски причини, или поточно воопшто не се разгледувани. Ние во неколку наврати посочивме дека СМУМ има склучено меморандум со Министерството за култура и сите културни институции и Домови на култура за бесплатно користење на просторот, и секако баравме тоа да биде земено предвид. За жал оваа година сме сведоци на крајно нерегуларно, непрофесионално и дилетантско однесување на членовите на колисијата кон музичките уметници, што е во најмала рака деградирачки и понижувачки .
 
3. Во едно демократско општество, каде што сите би требало да бидеме еднакви, се соочуваме со апсурдна ситуација одредени непознати имиња, здруженија и фестивали да добиваат енормно високи средства; хонорари,  исклучиво по партиска линија... Наспроти тоа, единствениот фестивал на Македонските музички уметници „ЗЛАТНА ЛИРА“  е финансиран со само 300.000 денари, а  и  циклусот „ПРО МУЗИКА“ со 300.000 денари. Исто така голем е бројот на одбиени проекти на наши етаблирани музички уметници. Во овој контекст СМУМ смета дека комисијата за музичко сценска дејност немала никакви критериуми при доделување на финансиските средства, затоа оваа година конкурсот помина најконфузно и најмногу дојде до израз принципот квантитет наспроти квалитет. Би сакале да додадеме дека СМУМ уредно ги посетуваше сите состаноци за изготвување на стратегијата 2018 – 2023, но за жал ниту една наша сугестија за подобрување на статусот на музичките уметници не беше вметната во финалниот текст на стратегијата. Сметеме дека ова донекаде се должи и несоодветната комуникација на ресорното министерство со нашиот Сојуз.  
 
4. Со години посочуваме  дека главен  генератор на сите проблеми и нелогичности кои се евеидентни и во резултатите од последниот конкурс е немањето на јасни професионални критериуми за квалитативна  категоризација на уметниците, како и недостигот на соответна финансиска категоризација на висината на средствата со кои се вреднува ангажманот на тие уметници во проектите со кои конкурираат пред Министерството за култура. Ова е впрочем заложба на СМУМ години на ред и крајно време е министерството за култура да ја прифати оваа опција, која ќе ја постави на здрави основи работата на комисиите и Министерството за култура во целина.
 
5. На крај бараме неотповиклива оставка на комисијата за музичко сценска дејност, исто така одговорност од министерот кој без консултација со соодветните здруженија и установи од културата дал јасни ингеренции како и по кој принцип да се разгледуваат и вреднуваат проектите. Бараме конкурсот, да биде поништен и повторно  јавно и транспарентно да се разгледуваат сите проекти по принципот на квалитет, а не бирократски.  Исто така сметаме дека е крајно време министерот да ги слушне нашите сугестии и барања , со што во иднина би се избегнале вакви непрофесионални состојби кои не се во интерес ниту на уметниците, а се надеваме ниту на Министерството кое како институција постои единстевно да се залага за квалитетни, професионални проекти затоа што уметниците се единствени културни амбасадори  кои државата достојно ја представуваат надвор од своите граници.
 
Со почит,

Управен Одбор на Сојуз на Музички Уметници на Македонија
Претседател Професор М-р Љубиша Кировски