Свечено отворање на ЗЛАТНА ЛИРА 2019 - концерт на Дуо Гелебешеви

Вечерва (среда, 16 октомври), со почеток во 20 часот во Музејот на македонската борба со концертот на Дуото Гелебешеви свечено ќе биде означен почетокот на 13-тото издание на фестивалот на музичките уметници на Македонија, „Златна лира“. На програмата се дела од Ј. Брамс, С. Барвел, М. Равел и Џ. Росини. 

Уште од периодот на почетоците на своето делување во 2001 година, пијано дуото Гелебешеви составено од Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев се промовираа како ансамбл со ретка виталност и свежина на нашата музичка сцена. Настапите на дуото се карактеризираат со перфекција во креацијата на композициите доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички и стилски аспекти.

Од нивните првични домашни настапи често пропратени и со премиерни изведби, дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Дуото Гелебешеви имаат настапено во речиси сите градови во Р. Македонија и на реномираните фестивали како: „Охридско лето“, „Интерфест“ - Битола,  „Хераклејски вечери“ - Битола, „Денови на Македонска Музика“ - Скопје, „Златна лира“ - Скопје. Во 2012 година,  ја добиваат наградата „Златна лира“ од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк. Нивниот репертоар во континуитет се надградува и во него се опфатени разни музички периоди од класиката, преку романтизмот и до современата музика.

Во текот на својата повеќегодишна работа дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија. Во рецензијата за првото аудио издание (2008, БМФ, МРТ), музичкиот критичар Васка Наумова-Томовска меѓу другото ќе напише „...Висок степен на техничката подготвеност, во спрега со уметничката емоционалност на двајцата пијанисти, претставува еден буен и чист звучен пејсаж, кој патува низ еден музички космос во кој нештата се идеално подредени...“  За второто аудио издание (2018), музикологот и музички критичар Јулијана Папазова ќе истакне дека се карактеризира со „....Игрив шарм, испреплетен со брзина, деликатна точност, перкусивна брилијантност, импресивен сонорен, лебдечки звук, со прецизно формирани распеани мелодиски линии...“

Влезот на концертот е слободен.