PRO MUSICA 2020: Концерти на Љубиша Кировски во Гевгелија и Неготино


Во рамките на годинашниот циклус Pro Musica, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ, во понеделник (28 септември) на летната сцена во паркот во Гевгелија и во вторник (29 септември) во Музејот во Неготино со почеток во 19 часот ќе настапи виолинистот и виолист Љубиша Кировски. На програмата на концертите се дела за соло виолина и виола од авторите Х. Бибер, П. Христоков, Љ. Кировски и А. Игудесман.

Љубиша Кировски дипломирал на ФМУ во Скопје во класата на проф. З. Димитровски, во чија класа и магистрирал со посебна пофалба cum laude. Повеќепати концертирал како солист со Македонската филхармонија, честопајќи премиерно изведувајќи дела од македонски автори. Во 2001 година настапува во Санкт Петербург во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“, со рецитал и со оркестарот на Санкт Петербуршката капела. Како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во 2006 година реализира концертна турнеја во шест градови во Шведска. Настапувал и како солист со камерниот оркестар „Скопски солисти“. 

Кировски делувал како концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година Кировски е претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ.

Љубиша Кировски веќе 27 години настапува во дуо со својата сопруга Маја Шутевска Кировска. Од основањето до денес, дуото има реализирано бројни настапи надвор од Македонија: Хрватска, Србија, Полска, Италија, Швајцарија, Кипар, Бугарија, Англија, САД, Германија на бројни фестивали и камерни концерти. Во Македонија дуото настапило на фестивалите Златна Лира, Скопско лето, Хераклејски вечери, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, а секоја година настапува и со премиерна програма во Салонот 19,19. Во биографијата на Дуото Кировски се запишува и наградата на Ц.Е.И. (Централноевропската иницијатива) на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте во Италија. Дуо Кировски се добитници на наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања во 2003 година, наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во Македонија во 2013 години и на наградата „Георги Божиков“ доделена од страна на СОКОМ за континуирана успешна изведба и презентација на македонското творештво во 2014 година.