Концерт на Томе Атанасов - обоа и Кристина Светиева - пијано во Куманово

Во вторник (13 октомври) во рамките на концертниот циклус Pro Musica во организација на СМУМ, на платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово со почеток во 19 часот концерт ќе одржат уметниците Томе Атанасов, обоа и Кристина Светиева, пијано. На програмата се дела од J.B. Loeillet, С. Стојков, C. Debussy, J.N. Hummel, A. Piazzola. Концертот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и влезот е слободен. 


За изведувачите

Томе Атанасов е роден во 1984 година. Започнува да свири обоа во средото музичко училиште во Скопје во класата на Васил Атанасов. Во 2002 година добил стипендија на летната музичка академија „Интерлохен артс академи“ во САД, а од 2003 година продолжил да се усовршува во таа академија, во класата на професорот Даниел Столпер. Потоа, образованието го продолжил во Германија на Универзитетот за уметности во Есен со Пјер Фајт и Михаел Низеман.[1]
 Меѓу неговите ментори се вбројуваат имиња на обоисти како Давид Валтер, Штефан Шили, Џосеф Робинсон, Илејн Дувас, Џон Мек, Алексеј Огринчук, Вошингтон Барела итн.Има реализирано рекорден број на преку илјада соло концерти низ светот во Германија, Франција, Шпанија, Ибица, Мајорка, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Швајцарија, Италија, САД, Кина, Ј.Кореја, Австралија, Нов Зеланд итн. во едни од најпрестижните концертни сали како Сиднеј Опера Хаус, Палау де ла музика Валенсија, Ла Скала Милано, Баерише Рундфунк, Минхен, Диселдорф, Келн, Бон, Хановер, Хамбург, Берлин, Шангхаи, Пекинг итн. Томе Атанасов е долгогодишен солист на Камерната Филхармонија од Келн и прв обоист на Националната опера и балет во Македонија.

Атанасов соработува со неколку германски оркестри, а истовремено, тој е член во неколку музички ансамбли: трио „Атанасов“, камерен оркестар „Скопски солисти“, камерен оркестар „Симфонија од Софија“, Младинска филхармонија Келн, Камерна филхармонија Келн, Класична филхармонија Бон, Симфониски оркестар Хаген, Камерна филхармонија Гутерсло, Франкфурт Синфоникер, Македонска филхармонија, Национална опера и балет и други. Добитник е на повеќе награди во Македонија и странство. 


Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“ ) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Тодор Светиев, а магистрира  во 2008 год. со cum laude под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија на натпреварите во Италија, Бугарија, Чешка,”Охридски Бисер”, Сан Даниеле, Русалка.
 
Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија („Охридско лето”, „Скопско лето”, „Денови на македонска музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат нејзиното деби со Македонската Филхармонија на седумгодишна возраст, а потоа следуваат низа настапи со истиот оркестар, меѓу кои и праизведбаta на Концертните етиди за пијано и оркестар од македонскиот композитор Борис Светиев, посветени токму на неа. Забележителни се и настапите со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, како и учеството на повеќе интернационални музички фестивали меѓу кои: Интернационалниот музички фестивал во Анкара – Турција; Балканскиот пијанистички форум во Разград – Бугарија; Интернационалниот музички фестивал во Северен Кипар; Холандски музички сесии во Берген – Холандија; Охридско лето и фестивалот Златна Лира во Скопје – Македонија.
 
Исто така има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија, како и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Стокхолм и Париз како и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова. Активен учесник е на бројни пијанистички семинари и мајсторски класи каде соработува со бројни еминентни педагози и пијанисти како што се: Н. Штаркман, В. Крпан, А. Португез, Ф. Фолк, П. Донахју, Џ. О’Kонор, М. Ф. Буке, Ф. Турисини, К. Сакаи, А. Лемони, М. Каишиге, Т. Каишиге и сите го одбележуваат нејзиниот исклучителен талент и извонредните изведувачки способности.
 
Во моментот работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.