Во вторник (13 октомври) на програмата на фестивалот „Златна лира“ во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот е концертот на виолинистот Момчило Куфојанакис и пијанистката Весна Ангелова Христов.
За програмата
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Хачатурјан, Е. Изаи, Ф. Крајслер, П. И. Чајковски, Ј. Ахрон, Ј. Сук, П. де Сарасате.
За изведувачите
Момчило Куфојанакис дипломира на ФМУ во Скопје во класата на проф. Михаило Куфојанакис со највисока оцена – cum laude. Постдипломски студии завршува на Државниот конзерваториум „А. К. Глазунов“ во Петрозаводск, Русија во 2015 година, во класата на проф. Климентиј Јосифович Векслер. Учествувал на бројни мастер класи кај еминентни педагози и музичари од реномирани европски музички школи и институции (Минчо Минчев, Ино Мирковиќ, Александар Зиновјевич Бондурјански, Дора Шварцберг, Игор Малиновски) и е добитник на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. На концертниот подиум е активен 15 години, а неговата биографија бележи успешни настапи во Македонија, Бугарија, Хрватска, Косово, Кина, САД и Русија. Настапувал како солист со Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје, камерниот оркестар „Скопски солисти“, на фестивалите „Скопско лето“, Интернационален фестивал на млади музичари ДАМ во Приштина, „Есенски музички свечености“, „Новаљско глазбено лето“, „Опатијско културно лето“, фестивалот „Solei“, Музичкиот фестивал Харбин во Кина и други. Во моментот е член на оркестарот F.A.M.E. во Скопје и надворешен член на Филхармонија.
Весна Ангелова Христов завршува средно музичко училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Павлина Среброва. На 17-годишна возраст е примена на ФМУ каде дипломира пијано со највисока оценка во класата на проф. Борис Романов. Магистрира интерпетација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности, Нови Сад). Во текот на нејзиното школување е добитничка на бројни меѓународни и државни награди и признанија, како и на стипендија за културен престој во Париз во 2008 година во рамките на програмата на фондацијата La Cité internationale des arts (Меѓународен град на уметностите). Учествувала на семинари и работилници кај признаени педагози во Чешка, Германија, Франција. Ангелова Христова настапувала како солист и камерен музичар во Македонија, Косово, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Турција, Чешка, САД, и реализирала настапи на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, како и на фестивали на меѓународната сцена меѓу кои и „Шопен фест“ ДАМ фестивал, Франкофонски фестивал, Fete de la musique Paris и други. Македонската публика повеќепати ја забележала како солист со Македонската филхармонија, а својот афинитет кон камерната музика го преточува во работата со состави пијано дуо и пијано трио. Како пијано соработник Ангелова редовно ги придружува младите музичари на бројни натпревари, семинари и на концертните подиуми. Во моментов Ангелова работи како наставник по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје и како надворешен соработник на оркестарот на Филхармонијата и Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Влезот на концертот е слободен.