Свечено затворање на ЗЛАТНА ЛИРА 2020: Концерт на ансамблот ПРОФУНДИС и доделување на наградите „Златна лира“ 2020

Петок, 16 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот

 

СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА
„ЗЛАТНА ЛИРА“ 2020


Доделување на наградите на СМУМ
Концерт на


Камерниот ансамбл ПРОФУНДИС

Диригент: Ѓурѓица Дашиќ
Солисти: Љубиша Кировски - виолина, Марија Јанчулеска - виолина, Марија Ѓошевска - пијано, Славица Мицовска - пијано

 

За програмата

На концертот ќе бидат изведени делата Бранденбуршки концерт бр. во Ге-дур, Концертот за две виолини во де-мол и Концертот за два клавира во це-мол од Јохан Себастијан Бах. На свеченоста ќе биде доделена традиционалната награда „Златна лира“. Во 2020 година добитници се Скопскиот дувачки квинтет за животно дело, додека за едногодишна успешна работа наградата ќе му биде доделена на кларинетистот Бранко Павловски.

За добитниците на наградата „Златна лира“
Скопскиот дувачки квинтет постои четири децении, како еден од првите камерни состави во нашата земја и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плеада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење има изведено дела од светската ризница како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл. Во него доаѓаа и заминуваа големи мајстори на своите инструменти, секогаш со желба и пораки Скопскиот дувачки  квинтет да опстане и продолжи.Ансамблот има реализирано голем број настапи во земјава и пошироко, како и бројни тонски и ТВ записи. За своите успеси многупати е наградуван со врвни награди како наградата „13 ноември“ на Град Скопје, Награда за успешност од страна на Културно-просветната заедница на град Скопје, највисокото државна признание, наградата „11 октомври“ и други. Скопскиот дувачки квинтет гостувал на познати манифестации и фестивали во земјата: Охридско лето, Денови на Македонска музика, Скопско лето и гостувања во Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Србија, Црна Гора, Косово и други земји.



Од 2002 година Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на обоистот и професор Васил Атанасов, со голем ентузијазам, исполнителска енергија и врвен уметнички професионализам.

Бранко Павловски е кларинетист со блескава меѓународна кариера и репутација. Во моментов работи како вонреден професор на ФМУ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Докторирал на Факултето за музичка уметност при Државниот универзитет на Луизијана во САД (класа на проф. Роберт Дилутис), каде работел како асистент се до 2011 година. Дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје во класата на проф. Иван Кочаров, а се усосвршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија, Академијата за музички уметности во Прага, Националниот конзерваториум во Версај, Националниот конзерваториум во Вил д’Авреј во Париз, а својата музичка наобразба континуирано ја надоградувал посетувајќи семинари и мастер класи кај еминентни кларинетисти и педагози. Како солист и камерен музичар настапувал на бројни концерти и фестивали низ Европа и САД, соработувајќи со реномирани оркестри и диригенти. Бил член на повеќе камерни состави, меѓу кои и Скопскиот дувачки квинтет, дувачките квинтети „Арт“ и „Нова“, Трио Академико, ЛСУ Кларинет Квинтетот, ЛСУ Камерениот Ансамбл, Академското дувачкото трио и др. Како промотор на современата музика, Павловски премиерно извел повеќе нови дела за кларинет. Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни музички натпревари, а критиката редовно го подвлекува неговото експресивно, виртуозно и инспиративно музицирање.

За Ансамблот и изведувачите

Камерниот оркестар Профундис е нов уметнички состав кој со посебен пиетет ја негува израсноста на камерното музицирање кај нас. Покрај класичниот репертоар кој го опфаќа музичкото творештво од епохата на барокот па се' до современото творештво, она што го издвојува камерниот оркестар Профундис од слични уметнички состави кај нас е стремежот кон изнаоѓање нови и уникатни начини на презентација на камерното творештво: концерти во дигиталемн формат, 3Д мапинг, учество, презентации на нови технологија во уметничката изведба.Квалитетот на оркестарот составен од веќе докажани имиња и неговата флексибилност во сите стилски епохи, под уметничко водство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век способен да одговори на сите барања на музичката продукција.

Љубиша Кировски дипломирал на ФМУ во Скопје во класата на проф. З. Димитровски, во чија класа и магистрирал со посебна пофалба cum laude. Повеќепати концертирал како солист со Македонската филхармонија, честопајќи премиерно изведувајќи дела од македонски автори. Во 2001 година настапува во Санкт Петербург во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“, со рецитал и со оркестарот на Санкт Петербуршката капела. Како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во 2006 година реализира концертна турнеја во шест градови во Шведска. Настапувал и како солист со камерниот оркестар „Скопски солисти“. Кировски делувал како концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Тој е редовен  професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година Кировски е претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ.



Марија Ѓошевска  е една од најистакнатите и најактивни пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Посебна е фасцинацијата од нејзината рафинирана и сензибилна пијанистичка обоеност, која резултира со извонредна сценска сугестија. Дипломира, магистрира и докторира на ФМУ во Скопје. Добитничка е на бројни награди и признанија, а музицирала на огромен број реномирани концертни сцени и фестивали во светот, во рецитална програма и како солист со реномирани оркестри и диригенти. Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барокот до современа музика. Повеќе пати настапува на Деновите на македонска музика свртувајќи го врз себе вниманието како изведувач со истенчено чувство за домашното творештво. Во 2010 год. добива специјална награда од фондацијата „Томислав Зографски” и воедно станува почесен член на оваа фондација. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано-соработник со истакнати инструменталисти.




Марија Јанчулеска дипломира со највисока оцена на ФМУ во Скопје во класата на проф. Љубиша Кировски. Добитничка е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари по виолина и камерна музика. Во текот на своето образование настапувала на многу концерти, фестивали и манифестации како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Прилепско културно лето“, „Виолин фест“. Концертирала и член на оркестрите на Музичка младина на Македонија, Битолскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Тетово, камерниот оркестар „Скопски солисти“ (со кој настапила и како солист). Во 2017/2018 година остварува девет концерти во девет различни градови во Италија како членка на интернационалниот оркестар на Софија. Од 2018 година е членка на секстетот ArtLink Balkan, со кого остварува мнастапи на фестивалот ArtLink во Србија, Германија и Холандија. Покрај учеството на бројни семинари по виолина со истакнати педагози, камерна музика работела и со Уки Оваскаинен од Србија и Павел Долежал, концерт/мајстор на Филхармонијата на Острава во Чешка. Во март 2020 година настапува на меѓународна турнеја со камерниот ансамбл „Јаначек“. Од 2019 соработува со оркестарот F.A.M.E.S.



Славица Мицовска-Смилевска дипломира на одделот за пијано на Музичката академија во Софија, во класата на Проф. Жени Захариева, каде и магистрира во 2004 година. Во 2019 година ги завршува докторските студии на ФМУ под менторство на Проф.Жени Захариева. Посетувала повеќе семинари кај истакнати професори и педагози. Учествувала на голем број натпревари на државно и меѓународно ниво, каде се стекнала со повеќе награди. Остварила концерти како солист, камерен изведувач  и корепетитор во  Македонија, Бугарија, Грција, Србија. Австрија, Малезија, Франција. Соработувала со Младинскиот камерен оркестар од Скопје, Бугарскиот камерен оркестар Collegium Musicum Bankia под раководство на маестро Свилен Симеонов. Во моментот работи како редовен професор по пијано во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј.


Ѓурѓица Дашиќ дипломира на одделот за диригирање ФМУ во Скопје (класа проф. Саша Николовски - Ѓумар). Од 2008 година е вработена во Националната опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставување и одржување на целокупниот репертоар на Операта. Како асистент-диригент соработувала со истакнати диригенти како Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски - Ѓумар, Вања Николовски - Ѓумар, Урош Лајовиц. Во својата матична куќа ги диригирала оперите „Рита“, „Севилскиот берберин“, првиот македонски мјузикл „Тајно моја“ и традиционалниот концерт на млади оперски надежи „Коста Трпков“. Во 2018 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој активно работи како уметнички раководител и диригент.


Влезот на концертот е слободен.