-
24.10.2020
-
Концерти, Актуелно
Вечерва (сабота, 24 октомври) во уметничката галерија Shift Centre во Тетово со почеток во 18 часот, во рамките на годинашниот концертен циклус Pro Musica концерт ќе одржи истакнатата македонска пијанистка Даница Стојанова. На програмата се дела од Ј. С. Бах, Франц Лист, Фредерик Шопен и Томислав Зографски.
Даница Стојанова е реномирана македонска пијанистка родена во Струмица, со долгогодишна кариера на домашната и меѓународната сцена. За време на своето школување соработува и учествува на Интернационални и светски академии за музика каде работи со врвни пијанистички имиња Јокут Михаиловиќ, Жени Захариева, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Љ.Гајдамович, Сашико Кодама, Хериберт Кох и др. Таа денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во средното училиште ДМБУЦ „И. Н. Луј“ каде постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена. Член е на жири комисии на престижни меѓународни натпревари по пијано и камерна музика. Држи мастер класи за пијано во Македонија, Малезија, Косово, како и стручни предавања на Меѓународните Фестивали (Шопен Фестивал во Белград, Епта - Скопје, Шопен Фестивал-Куала Лумпур, Интернационална Балканска конференција-Скопје). Има настапувано како солист со Македонската филхармонија и Видинска филхармонија (Бугарија). Како солист настапувала во С. Македонија, Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, Италија, Чешка, САД. За својата работа таа е добитник на наградите „Најдобар уметнички пијано соработник“ на 22-от Меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ (2004) во Софија, Награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од страна на Здружението на музички и балетски педагози на Македонија (2007), Награда за одлични педгошки достигнувања (2009) Бугарија, Награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија (2011) Македонија, Награда за едногодишна успешна работа од областа на уметноста на Општина Струмица (2016). Стојанова е членка на СМУМ и СОКОМ, а од 2016 година е и почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“. Во 2019 година по повод 85 години од раѓањето на композиторот и професор Томислав Зографски доби специјално признание од Фондацијата „Томислав Зографски“, за посветеноста на музиката и уметноста и бројните концерти ширум светот, за промоција на творештвото на Зографски и македонското музичко творештво кои се дел од македонското културно наследство. Во 2020 година ја добива наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ за најуспешна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година. Членка е на меѓународната пиано-дуо асоцијација во Токио, Јапонија. Авторка е на книгата „Фредерик Шопен - поет на пијаното“. Даница Стојанова е позната како голем подржувач на младите уметници од државата, на кои им помага со организирање концерти, препорака за учество на пијано мастер класи и натпревари, како стручна соработка на меѓународно ниво.
Концертот е поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија и влезот е слободен.