Богатата програма на фестивалот „Златна лира“ продолжува овој четврток (28 октомври) во Музејот на македонската борба со вечер посветена на македонското музичко творештво. На фестивалскиот подиум во оваа прилика публиката ќе има можност да го проследи настапот на кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Ема Попивода кои ќе изведат композиции од опусот на македонските композитори Сотир Голабовски, Благој Цанев, Вања Николовски - Ѓумар, Томислав Зографски, Гоце Гавриловски и Љубомир Бранѓолица.
Бранкo Павловски е македонски кларинетист со интернационална кариера и репутација. Во моментов тој е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде работел како асистент по кларинет се до 2011 година. Претходно во својата педагошка дејност работел како наставник по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Иван Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на Петко Радев, на Академијата за музички уметности во Прага во класата на Штјепан Коутњик, Националниот конзерваториум во Версај во класата на Филип Купер, Националниот конзерваториум во Вил д’Авреј во Париз во класата на Доминик Видал. Како солист и камерен музичар Павловски настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Италија, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Тој работел вo Батон Руж симфонискиот оркестар, Воениот оркестар на АРМ, а истотака соработувал со Акадиана симфонискиот оркестар, Операта во Луизиана, Моцарт оркестарот во Прага, Ансамблот за современа музика на Националнот конзерваториум во Версај, Македонската филхармонија, ФЕИМС Оркестарот, ЛСУ Симфонискиот оркестар, ЛСУ Дувачкиот ансамбл и др. Настапувал на повеке фестивали во земјата и странство како што се: Фестивалот за современа музика во Батон Руж, MusiPoeSci во Париз, Интернационалниот музички фестивал во Дартингтон, Англија, Охридско лето, Скопско лето, Златна Лира, МодоАрс, Денови на македонската музика, Штипско лето, Манифестацијата по повод денот на словенските просветители „Кирил и Методиј“ во Рим, потоа преку програмите на КИЦ, Музичка младина на Македонија, и др. Тој бил член на повеќе камерни состави: дувачките квинтети „Арт“ и „Нова“, Скопскиот дувачки квинтет, Трио Академико, ЛСУ Кларинет квинтетот, ЛСУ Камерениот ансамбл, Академското дувачкото трио и др. Како промотор на современата музика Павловски има премиерно изведено повеќе нови дела за кларинет. Павловски е добитник на наградата „Златна лира“ на СМУМ за врвни уметнички достигнувања во 2019 година. Тој е лауреат и на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика каде се стекнал со бројни награди и признанија.
Ема Потевска Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Попивода ги завршува докторските студии по пијано, под менторство на проф. С. Слејанска и проф.Д. Бужаровски. Концертната кариера на Ема Попивода е богата и разноврсна. Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичниот репертоар, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креатор и изведувач. Ема е основач и уметничи селектор на Фестивалот за современа музика Модоарс, во чии рамки настапувале врвни уметници од целиот свет. Ема е добитник на бројни награди и признанија во својата земја и на интернационални натпревари. Ема Попивода настапува во САД, Англија, Белгија, Франција, Унгарија, Словачка, Австрија, Турција, Грција, Бугарија, Јапонија, Црна Гора и Македонија. Таа е член на светската лидерска мрежа “Global bridges”, каде е претставник на својата земја. Во 2011 година, таа го завршува напредниот тренинг за лидерство во Охрид и се здобива со сертификат за лидер во областа на културата и уметноста од Претседателот Ѓорѓе Иванов. Попивода работи како професор по пијано на Музичката академија при УГД во Штип.
Концертите во рамки на фестивалот „Златна лира“ се одвиваат според важечките ковид протоколи за организирање настани во затворен простор што подразбира органичен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез и задолжително носење маска.