Адаџо за Билјана

Има луѓе кои по силата на својот дух и творечка природа, постојано ја облагородуваат средината, во која живеат, и даваат поинаква човечка и професионална  смисла, ја водат кон прогрес.Таков човек беше и еминентната македонска виолинистка и виолински педагог Билјана Гаврилска (1945-2021). Иако во Скопје работеше неполни петнаесет години (1970-1984), таа остави неизбришлива трага во македонската виолинска педагогија и интерпретатива.

Билјана Гаврилска е родена во Скопје, во семејство на интелектуалци, посветени љубители на музичката уметност. Своето музичко образование го започнува во Десетгодишното музичко училиште, на седумгодишна возраст. Виолина учи кај проф. Еторе Балестри, а потоа кај проф. Божидар Горше. За нејзините вонсериски резултати на инструментот говори и фактот, дека освен редовните  настапи на  училишните концерти, на четрнаесетгодишна возраст настапува како солист на подиумот на млади на Македонската филхармонија. Високото образование го завршува во Љубљана, во класата на проф. Фајфер. Постдипломски студии завршува во Софија, работејки во класите на меѓународно истакнатите виолинисти Емил Камиларов и Дина Шнајдерман. Во седудесеттите  Гаврилска бележи и специјализација во Санкт Петербург, кај проф. Миша Вајман.

Гаврилска се вработува во Десетгодишното музичко училиште во Скопје 1970. Со создавањето на Музичко-балетскиот училишен центар (1978, преку обединувањето на повеќе музички институции) нејзиниот педгошки професионализам и очигледни натстандардни резултати го достигаат својот вистински врв. Нејзините ученици редовно настапуваат на сите училишни концерти. Воедно ги среќаваме  како солисти на Македонската филхармонија (Томислав Димов со дури три солистички настапи, Јасминка Драгоманска) Нивните имиња, како и оние на Ганка Цветанова и Аспарух Коневски ги среќаваме повеќе пати и како носители на први награди на Републичките натпревари за ученици и студенти по музика во различни категории, но и на Сојузните натпревари низ цела поранешна Југославија.  Тие, со своите високи пласмани, всушност први го прават пробивот на МБУЦ на сејугословенската педагошка сцена, инспирирајки ги за слични потфати и останатите класи. Билјана Гаврилска е и прв раководител на инструменталниот оддел на МБУЦ (подоцна на Гудачкиот оддел). Со својата непоколебливост  и високо професионални сознанија за начинот на формирање на еден млад инструменталист, таа значајно придонесува во процесот на формирање на МБУЦ како модерна учебна институција со изградени програмски барања, критериуми и достигања.
Како концертант, Гаврилска повеќе пати е солист на Македонската филхармонија. Но, особено значајни резултати за македонската иннтерпретатива таа остварува настапувајки во виолинското дуо Гаврилска – Братоев - прв македонски состав од таков вид. Освен  редовните премиерни рецитали во Скопје, како и бројните репризи и настапи за Музичката младина низ цела Македонија, дуото Гаврилска -Братоев набрзо го освојува и сејугословенскиот концертен простор. Воедно, Гаврилска е заменик- концертмајстор на тогаш формираниот Камерен оркестар на Македонската радио-телевизија. Овој ансамбл, бележејки многу интензивна и квалитетна концертна дејност, меѓудругото, на фестивалот ,,Охридско лето “ настапува непрекинато од 1971-до 1983 (до таа година Гаврилска е негов член ). Виолинското дуо Гаврилска- Братоев солистички настапува на сцената на нашата најеминентна музичко-сценска манифестација во 1974, 75, 76, 78, 80 година. Еве еден мал дел од секогаш блескавите рецензентски осврти, пишувани за нив:,,.. За оваа добра изведба на Вивалди, Кончерто гросо во де-мол, особено придонесоа Билјана Гаврилска и Божидар Братоев, коишто со еден благороден исполнувачки интензитет на ова дело му дадоа финален концертен блесок“ ...(В.Чучков, ,,Вечер“ , 29. 7 .1975)...,, Виолинското дуо веќе десетина години го збогатува својот репертоар со интересни, мошне внимателно одбрани творби, кои на публиката и ги понудува мошне студиозно разработени... “(Јане Коџобашија, ,,Нова Македонија“, 5.8.1980). Не не изненадува фактот, што македонските композитори покажуваат особен интерес за овој состав, посветувајки му повеќе дела: Томислав Зографски: Трио за две виолини и пијано (1974); Тома Прошев: Мувинг 6 (1980), Концерт за две виолини и оркестар (1976)... Особено интересна е судбината на делото на Тома Прошев ,,Адаџо за Билјана“, за виолина и оркестар (1976), кое во авторска преработка за пијано и гудачки инструмент, постигнува за кусо време значајна популарност....

Во 1984 Билјана Гаврилска заминува за Франција, каде по кусо време станува член на престижниот Национален оркестар на Оверњ, во Клермон- Феран. Овој високо репрезентативен камерен ансамбл, со кој таа концертира како дел од групата први виолини низ бројни земји во светот, брои 19 музичари  и има изразито интернационален состав.
Билјана Гаврилска настапува во Националниот оркестар на Оверњ, Клермон Феран, до заминувањето во пензија, 2010 година.

Македонскиот врвен уметник и педагог Билјана Гаврилска почина по кусо боледување на 13.11.2021 во Клермон Феран, Франција. Камерниот ансамбл од овој град и се оддолжи на најдостоинствен начин: со посебен мемориален концерт.
Нам ни остануваат сеќавањата. И секогаш - почитта, љубовта и благодарноста кон еден голем македонски виолински педагог и уметник.
 
Од Сојузот на музичките уметници на Македонија
Снежана Анастасова Чадиковска
ноември 2021