-
26.08.2022
-
Концерти, Актуелно
Во рамките на циклусот PRO MUSICA, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ, утревечер (сабота, 27 август) на Факултетот за музичка уметност во Штип со почеток во 19 часот, рецитал ќе одржи пијанистката Јасмина Трајческа. На програмата се делата: Десет пиеси оп. 9 за пијано од Јанез Матичиќ и трилогијата „Крстен вход“ и делото „Три балкански танци“ од авторката Билјана Бојовиќ.
Јасмина Трајческа е родена во Прилеп, каде што го завршува основното музичко училиште во класата на Виолета Кочоска. Своето школување го продолжува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј “ – Скопје во класата на проф. Н. Среброва, а додипломски и постдипломски студии завршува на ФМУ – Скопје во класата на проф.м-р Валери Стефановски. Учесник е на многубројни мастер класи во класата на еминентни професори: М. Келер, К. Богино, С. Богино, В. Огарков, А. Диев и др. Добитник е на многубројни награди на меѓународни и на интернационални натпревари, меѓу кои: Internatonal piano competiton Giovani talenti Rovere Doro – Сан Бартоломео ал маре, Италија; DINO CIANI Вербаниа Интра, Милано, Италија; JUPITER – Џенова, Италија; Internatonal competition Interfest – Битола, Македонија; Втор меѓународен конкурс „Димитар Ненов“, Разград, Бугарија; Државниот натпревар по пијано во Скопје, Македонија итн.
Јасмина Трајческа има богата концертна дејност и има одржано полурецитали и рецитали на летните
академии во Пиран (Р. Словенија), Варна (Бугарија), на фестивалот Musica di laguna Choggia (Италија), на
официјалното отворање на новото пијано YAMAHA C9 во Гросупље (Словенија), а исто така има добиено
покана како специјален гостин солист на Фестивалот EUROCHESTRIES CHARANTE MARITIMES во Бордо
(Франција), како и реализација на културен престој во Париз, учество на фестивалот Makarska summer во
Макарска (Хрватска), многубројни настапи на фестивалот „Прилеп, град на културата“, на манифестацијата „Прилепско културно лето“, на проектот „Рапсодија за Скопје“ и на проекти за концерти за камерна музика – флејта и пијано, Концерт во Брно на ЈАМУ, Р. Чешка, концерт во Љубљана во концертната сала на Глазбена Матица, концерт Балканска синтеза на покана на фестивалот ИМАГО СЛОВЕНИЈАЕ во Љубљана и истиот концерт поддржан од Град Прилеп и Амбасада на Република Словенија во Скопје,проектот поддржан како јубилеен концерт Балканска рапсодија во Битола и Гевгелија, проектот Словенски воз за соло пијано во Гевгелија, како и многубројни солистички концерти поддржани од Министерството за култура на Р.Македонија во градовите Прилеп, Гевгелија, Охрид, Тетово, Куманово и Скопје. Од март 2021 е редовен член на СМУМ. Работи како професор по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј”-Скопје.
Јанез Матичиќ (1926 - 2022) студирал на Академијата за музика во Љубљана, композиција и диригирање,свирел пијано и виолина, а негова најголема пасија и љубов е пијаното. Пијанистичкиот опус е најголем во неговото словенско музичко
творештво. Започнал да компонира неоромантичарски стил, а покасно со заминувањето на студии во Париз на средина на 50-те години неговиот стил превзел современи ноти. Неговата музика е технички захтевна, емоционално инвентна и интензивна.
Десет пиеси индивидуални оп. 9 за пијано (1943-1960)
Делата се создадени едно по друго индивидуално и не беа вклучени во ниту еден опус,затоа имав потреба да се издадат како една формална целина циклус. Понатаму за делата,компонирани се во различен период пред заминување во Париз, последните две дела се напишани во првите месеци на студискиот престој во класата кај проф. Надја Боланжер во Париз. Затоа последните две дела Прелудиум се скоро атонални,така што наликуваат на нови слоговни критериуми. Првите четири дела се напишани во период на италијанската и германската окупација. Така, во тој период мојот главен предмет беше виолина во Глазбена матица кај проф. Леон Фајфер, клавир втор предмет. Пијаното во тој момент ме обзеде целосно,посебно за стилско романтични пијанистички импресии. Делата во 1947 година ги напишав како студент по композиција кај проф. Луцијана Марија Шкерјанц и содржат виртуозна клавирска техника.
По завршувањето на Средното музичко училиште во Битола, Билјана Бојовиќ (родена Божиновска) го продолжува школувањето на Уметничката академија ИНТЕРЛОХЕН во Мичиген, дипломира на Универзитетот на Западна Вирџинија, а магистрира на Универзитетот Батлер во Индиана, САД. Виолончело учи кај Панде Тутевски, Касел Граб, Кристин Кембл, Вилијам Скидмор и Вилијам Грап, а композиција кај Кевин Биверс, Џон Бил, Френк Феличе и Мајкл Шели. Посетува мастеркласи за композиција кај Гоце Коларовски, Вилијам Болком, Ерик Евејзен, Симор Бараб, Елвис Костело, Пол Чихара, Елиот Шворц, Брајт Шенг, Стивен Грич и Иван Чејмберс.
Нејзините композиции се изведени во рамките на 33. меѓународен фестивал ИМАГО во Словенија, на Петтиот и Шестиот меѓународен фестивал на жени композиторки, во рамки на концертниот серијал на ансамблот за модерна музика ИЛИНОИС, на Летниот фестивал за камерна музика во Фингер Лејкс, во сојузната држава Њу Јорк, во рамките на конференциите организирани од страна на Здружението на композитори на САД, од кои и на последната, виртуелна конференција во 2022 година, на Конференцијата организирана од Меѓународното здружение на дрвени дувачки инструменти со двојна писка во Бирмингем, Англија, како и на бројни концерти во САД, Чешка, Словенија и во нашата држава. Нејзиниот опус во најголема мера го сочинуваат дела за соло инструменти и камерни состави, а инспирацијата ја наоѓа во балканското народно предание и православното црковно пеење. Бојовиќ живее и работи во Калифорниј, САД.
„Крстен вход“ – трилогија за соло клавир (2021) од Билјана Бојовиќ е нарачанa и посветенa на драгата пријателка и клавиристка Јасмина Трајческа и се состои од: „Срце јуначко“, „Радосна тага“ и „Растресено тло“. Деловите можат да се изведуваат заедно во циклус или одделно како самостојни дела. Секој дел вклучува фолклорни музички елементи од Балканот.
„Срце јуначко“ – Овој дел е пофалба на хероите чии срца го поистоветуваат животот со слобода, правда и чест, и без самољубие тропаат за заедницата која ја бранат. Една од историските личности кои се инспирација за ова дело е Крале Марко од 14. век кој владееше во регионот на Прилеп, и чија слава и легенда се похранети во епската поетска ризница во многу од балканските земји. Овој херојски пример нѐ потсетува дека животот е борба, барајќи од секој од нас храброст – барем мала несебична жртва низ која се наоѓаме себеси.
„Радосна тага“ – Плачеме и тагуваме кога инспиративни личности со интегритет, херои, телесно го напуштаат овој свет. Сепак, нивното влијание на нашиот живот нѐ променил за секогаш и заради тоа никогаш всушност не нѐ ни напуштиле. Тие секогаш остануваат присутни околу нас и во нас, таинствено донесувајќи нѝ мир, радост и смисла во нашите животи, и ние живееме во очекување и претчувство на следната средба и прегратка со нив. Оваа слатко-горка, „веќе-и-сѐ уште не“ динамика на нашите животи нѐ потсеќа дека сме тука како патници на тежок но освештен пат.
„Растресено тло“ од една страна ја претставува сржта на нашиот народ кои кога и да го чујат ритамот на народната музика, коските и целото битие почнуваат сами да им играат, како да мрда тлото под нозете. Оваа култура е основана на култот – другиот аспект на ова дело, искажувајќи верно и динамично исчекување на најсветлиот и најславниот момент на општото Воскресение, кога сите кои што се во гробовите ќе го слушнат победителен и животодавен глас на Победникот на Смртта, повикувајќи ги во вечен живот. Овој час доаѓа но истовремено веќе е и тука, и затоа тлото се треси.
Концертот е поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија и влезот е слободен.